Hamster
Ако не ве пуштат дома да чувате хрчак или ако ви треба занимација додека се преправате дека работите пред шефот.
Ако не ве пуштат дома да чувате хрчак или ако ви треба занимација додека се преправате дека работите пред шефот.
"Иво, доста е играње на компјутер, никој не видел фајде од тоа" - мајка ми. Ова е моментот во кој конечно можам да докажам дека овој цитат е невистинит! Покрај стандардните поуки и животни способности со кои се имам здобиено благодарение на видео игрите (преживување на зомби апокалипса, освојување тврдини, управување на вселенски брод, јадење на печурки, редење на коцкасти фигури, итн.), неодамна се здобив со сознание кое е корисно за целата човечка раса. На кратко кажано, ми светна дека во животот не добиваме поени.
Да појаснам: Во речиси секоја видео игра, играчот добива поени кога успешно ќе заврши некоја задача (нареди ред во Тетрис, помине ниво во Супер Марио, убие невин човек во Grand Theft Auto), но во вистинскиот живот никои за ништо не добива поени (освен можеби студентите на факултет). И тоа не само што не добиваме поени за трудот кој го вложуваме во бидување на одговорни и послушни граѓани, туку и не казнуваат кога ќе направиме грашка. Дали е чудно тогаш што секој втор ден на вести слушаме за некој селанец што си го утепал комшијата со мотика? Можеби ако тој селанец добиел 50 поени за успешно изжнеана нива, неговиот комшија сега ќе беше жив и здрав. Попаметните од вас сега сигурно се прашуваат "Каква врска имаат поени, жнеење и мртов комшија?" Одговорот е едноставен (или не е)... ако државата ги наградува граѓаните со поени (кои подоцна можат да се заменат за нешто корисно) за добро завршените работи (жнеење нива), наместо само да ги казнува за прекршоците (убивање комшии), сите ние ќе бидеме посреќни и помотивирани. Врз основа на оваа идеа предлагам нов систем на уредување на државата во кои граѓаните редовно ќе се наградуваат покрај тоа што редовно ќе се казнуваат (пошто казниве се сега кај нас ептен во мода). На овој начин сите би биле мотивирани да се однесуваат одговорно и да придонесуваат за заедницата.
ВАЖНО: Бројките на поени користени во примерите се произволни и не се меѓусебно балансирани!
Библијата е едно од најпродаваните дела на фикција и како таква заслужува нивно на почит, но сепак се работи за дело на фикција старо околу 1900 години, што значи дека во секој момент некој блогер со премногу слободно време може да се нафати со обновување на ова дело според најновите трендови во фикција.
Галеријата која можете да ја забележите подоле се состои од концепт слики за обновената верзија на Исус, или ако милувате второто еволуционо ниво на истиот (како во Pokemon). Ова второ еволуционо ниво на Исус го нареков LASER JESUS (името секогаш се пишува со големи букви како симбол на моќта на LASER JESUS) според неговата додатна, а би рекол и далеку најкорсна, способност. Сите на филм сме го виделе Исус како претвора вода во вино, и сигурен сум дека ова бил врвен трик на сите забави за време на првиот век од нашата ера, но денес кога децата одат во кино очекуваат да видат експлозии и ласери. Вода во вино = досадно, смртоности ласери од очи = премногу кул за да се опише со зборови.
За оние кои трошат време на чудни прашања како, "Од каде му се на Исус ласерски очи?", одговорот е очигледен. Според Билијата, Исус на судниот ден ќе се врати на Земјата за да ја уништи Сатаната и да ги спаси верните души. Се ова е супер со исклучок на пропустот во објаснувањето за тоа како еден столар од првиот век н.е. кој од време на време оди по вода и лечи изнемоштени лица со допир ќе ја уништи Сатаната која е господар на пеколот, генерал на армии на демони, власник на сите најстрашни и најизопачени човечки души, и извор на целото зло во универзумот. Применувајќи ја мојата безгрешна логика дојдов до едниствениот разумен заклучок: Исус ќе се врати на Земјата во еволуираната форма на LASER JESUS и со своето ново оружје ќе ја уништи Сатаната (затоа што сите знаеме дека ласерските очи се најмоќното оружје кое може да постои).
Без повеќе оддолжување, уживајте во стравотната моќ на LASER JESUS (кликнете на сликите за да ги зголемите).
Нели и чудно што за да можеш да возиш кола треба да имаш над 18 години, да поминеш низ обука, да отидеш на здравствен преглед, и да положиш испит составен од три делови, а за да гласаш на избори едноставно треба да имаш над 18 години... дури ни пенкало не мора да имаш. Како после да веруваш кога ти викаат дека "твојот глас е важен"?
Значи теоретски гледано, човек кој е роден на планина и бил целиот свој живот изолиран од речиси секаков контакт со други луѓе и врска нема што се тоа избори или политика или евро-интеграции, може на својата 18-та година (под услов да има македонско државјанство) да се симне од планина на ден на избори, еве нека бидат преседателски избори, и да отиде да гласа во општинското гласачко место. Дали луѓето кога ги осмислувале овие работи во далечниот 19-ти век си рекле "Еј, ај онака на заебанција да му дадема право на глас на секој идиот над случајно определена возраст, само за да видиме што ке се случи!"? Епа штета што тие луѓе се денес мртви, зошто сум сигурен дека би се згазиле од смеење кога би дознале дека финтата им опстоила преку 100 години.
Но шега или не, тоа е резултатот на применување на систем стар преку 100 години во една модерна демократија - апатија на народот и едвај задоволување на цензусот при избори. Затоа и мислам дека ова е намерно вака испланирано, за "претставниците на народот" да можат континуирано да го игнорираат, зафркнуваат и разочаруваат народот додека си ги бркаат своите лични интереси, а необразованиот народ повторно да им дава право на владеење. Навистина не знам од каде точно се очекува граѓаните да се здобијат со критичко мислење и политичко знаење до својата 18-та година, па дури и по неа. Се сеќавам дека во основно имав предмет наречен "Граѓанско образование", но тука се учеа фактолошки работи од видот на "колку пратенички места има во Македонскиот парламент" и тоа беше тоа. Нема развивање на критичко мислење, нема истакнување на важноста на учеството во политичкиот систем од страна на секој граѓанин, и нема предавање за абстрактни концепти како идеологија или политичка ориентација. Овој лабаво осмислен предмет е еинствениот обавезен предмет кој има било каква поврзаност со политичко образование во нашиот образовен систем (основно и средно). Можеби ова изгледа како претерано песимистичко гледање на демократијата, но тоа е само затоа што мислам дека можеме многу подобро.
Во секој случај, сметам дека Демократија 1.0 е софтвер кој е премногу стар за денешниов оперативен систем и затоа треба да се обнови. Во духот на моето теоретизирање, си осмислив неколку полу-сериозни модификации (воглавно околу изборниот процес) кои сметам дека треба да се составен дел од Демократија 2.0.
1. Задолжително изучување на предмет фокусиран на политичка писменост и критичко размислување во основното и средното образование.
2. Дебат како изборен предмет во основно и средно.
3. Промени во целосниот образовен систем со кој ќе се даде значење на слободно размислување и критичко мислење во сите области/предмети каде што тие се применливи.
4. Бесплатни часови по политика писменост за сите граѓани кој сметаат дека имаат потреба од истите.
5. Секој граѓанин може да се здобие со право на глас доколку го положи испитот за политичка писменост (возраста не е важна).
6. Истакнување на 3 главни причини за дадениот глас на гласачкото ливче. Во случај да не се наведени причини или истите да се невалидни (како "зошто кандидатот е од мое маало"), ливчето се смета за неважечко. На ливчето исто така стои и опција "Не поддржувам ниеден од понудените избори".
7. Парите кој се употребуваат за предизборна кампања на партиите се ограничени на еднаква сума која од државниот буџет им се доделува на сите партии кои ке соберат доволно потписи за кандидатура.
8. Државните медиуми се обврзани да обезбедат потполно ист рекламен простор за секоја платена политичка програма.
9. Приватните медиуми може да продадат максимум 50% од својот рекламен простор на една политичка партија.
10. Сите медиуми можат да бидат казнети доколку вклучуваат јасна политичка пропаганда во програми од видот на вести кои треба да се по природа објективни.
11. Задолжително учество на барем една јавна дебата од страна на кандидатите/претставниците на партиите.
Ова е се што ми паѓа на памет во моментов без некое детално истражување, иако сум сигурен дека нешто сум пропуштил. Листава треба да служи повеќе како генерална насока отколку како финализирани предлози кој под итно треба да се прифатат, особено затоа што не е сосема замена во предвид можноста за нивното споведување. Но, можеби доколку ваквите предлози би биле дел од законот, политичарите малку посериозно би обрнале внимание на граѓаните, па дури и кога не се во исчекување на избори.
Сегашниот систем на гласање е случајно или намерно не ефикасни и не фер. Секој систем кој дозволува електоратот да биде политички неписмен и без способност за критичко вреднување на ставови и аргументи не е во служба на граѓаните, туку е во служба на медиокритетот на политичките претставници и нивните потесни интереси. Редно време е гласачот да стане повеќе од бројка!
George Carlin на тема избори:
© Blogger template 'Minimalist B' by Ourblogtemplates.com 2008
Back to TOP