"Иво, доста е играње на компјутер, никој не видел фајде од тоа" - мајка ми. Ова е моментот во кој конечно можам да докажам дека овој цитат е невистинит! Покрај стандардните поуки и животни способности со кои се имам здобиено благодарение на видео игрите (преживување на зомби апокалипса, освојување тврдини, управување на вселенски брод, јадење на печурки, редење на коцкасти фигури, итн.), неодамна се здобив со сознание кое е корисно за целата човечка раса. На кратко кажано, ми светна дека во животот не добиваме поени.
Да појаснам: Во речиси секоја видео игра, играчот добива поени кога успешно ќе заврши некоја задача (нареди ред во Тетрис, помине ниво во Супер Марио, убие невин човек во Grand Theft Auto), но во вистинскиот живот никои за ништо не добива поени (освен можеби студентите на факултет). И тоа не само што не добиваме поени за трудот кој го вложуваме во бидување на одговорни и послушни граѓани, туку и не казнуваат кога ќе направиме грашка. Дали е чудно тогаш што секој втор ден на вести слушаме за некој селанец што си го утепал комшијата со мотика? Можеби ако тој селанец добиел 50 поени за успешно изжнеана нива, неговиот комшија сега ќе беше жив и здрав. Попаметните од вас сега сигурно се прашуваат "Каква врска имаат поени, жнеење и мртов комшија?" Одговорот е едноставен (или не е)... ако државата ги наградува граѓаните со поени (кои подоцна можат да се заменат за нешто корисно) за добро завршените работи (жнеење нива), наместо само да ги казнува за прекршоците (убивање комшии), сите ние ќе бидеме посреќни и помотивирани. Врз основа на оваа идеа предлагам нов систем на уредување на државата во кои граѓаните редовно ќе се наградуваат покрај тоа што редовно ќе се казнуваат (пошто казниве се сега кај нас ептен во мода). На овој начин сите би биле мотивирани да се однесуваат одговорно и да придонесуваат за заедницата.
ВАЖНО: Бројките на поени користени во примерите се произволни и не се меѓусебно балансирани!
Предлог 1: Сите граѓани на државата да добиваат поени за општествено одговорно однесување.
Примери: 1 поен за поминување пешачки на зелено, 5 поени за чистење пред зграда, 10 поени за рециклурање на ѓубре, 20 поени за помагање на бабички да поминат улица, 30 поени за садење на дрво, 50 поени за наоѓање на работа, 100 поени за донирање на бубрег (или си ја преценив малку вредноста на статијава?).
Предлог 2: Граѓаните да добираат титули (исто така познати како achievements во светот на видео игрите) врз основа на бројот на собрани поени или врз бројот на општествено одговорни дела. Титулите да се забележуваат во идентификационен документ (лична карта, пасош).
Примери: За поминување улица на зелено 1000 пати добивате титула "Зеленошетач", за пренесување на 20 баби преку улица добивате титула "Бабопреносувач", за собрани 1000 поени (или 10 донирани бубрези... ако ви е полесно така да сметате) добивате титула "Граѓанин-велемајстор".
Оние граѓани со голем број на титули би можеле да импресионираат работодавци/колеги/пријатели/мажи/жени со едноставно вадење на својата лична карта која сега ја има дебелината на Библија поради големиот број на титули (малку незгодно за носење во џеб).
Предлог 3: Граѓаните да можат да ги заменат поените за државни бенифиции и награди.
Примери: 100 поени = ваучер за компјутер (апсолвентите ќе можат да си сменат бубрег за компјутер), 200 поени = бесплатно здравство и приоритет при лекување во државни болници во времетраење од 5 години, 300 поени = стипендија на државен факултет, 400 поени = дозвола за користење на лесни дроги, 500 поени = државно Ферари (во боја по сопствен избор).
Ова се трите основни правила врз кои би функционирал овој систем.
Замислете колку би било добро да влезете во болница каде што докторот ќе ви се обраќа со "Велемајсторе" за да му побарате (преку ред секако) да ви даде две шибици марихуана, по што ќе си заминете во вашето Ферари и ќе тргнете накај вашите државно финансирани студии, каде што ќе седите на предавање со вашиот државно финансиран лаптоп. DISCLAIMER: Теоретичарот не поддржува возење на Ферари (или било кое моторно возило) под дејство на лесни дроги.
Сепак, признавам дека во спроведувањето на планов има неколку мали промени. Првиот е проверка на кои што навистина направил за да добие поени. Треба да се изнајде начин за да се провери кои колку пати поминал на зелено, кои колку дрва засадил и сл. Исто така потребно е да се определат сите општествено корисни дела, вредноста во поени на секое од нив, и секако точните титули, бенифиции и награди кои можат да се добијат (заедно со нивната вредност во поени).
За таа цел, секој што во коментарите ќе даде предлог за општествено корисно дело (кивање во марамче), титула (Марамокивач) или награда (точак), ќе добие по 5 поени за секој предлог. Ако некој даде 100 предлози ќе му дадам Ферари. За крај, ако некој предложи начин за проверка на извршените дела ќе добие 50 поени!
Коментарите се отворени и ви посакувам многу поени во иднината!