сабота, 30 мај 2009 г.

Гласање...

Мал сликовен вовед во темата на мојот следен запис... но до тогаш ќе оставам да се таложи исчекувањето. : )

среда, 27 мај 2009 г.

Невклопизам

Инспириран од... не. По повод... не. Обидувајќи се... ај батали! Ќе го прескокнам паметниот вовед и веднаш ке преминам на приказната. Овој текст е всушност продолжеток на еден кафе-муабет кој се одвиваше одприлика вака:


Тијана: Еј, ај да протестираме или нешто за ова коњов на плоштад? Одамна чекам нешто да се организира.


Иван: За тестисите на Букефал?


Тијана: Да, да!


Иван: Џабе ти е, готова е таа работа. И за црквава имаше протест и ништо од тоа. Десет дена по ред ако сакаш протестирај и пак ќе го стават ако така наумиле.


Тијана: Мислиш стварно ќе го стават?


Иван: Дадени се парите, шо ќе му прават.


Тијана: Па нека го стават на некое друго место.


Иван: Тоа ни за во подрум не е... а и да е нема да го собере во подрум.


Тијана: До крстот нека го стават на Водно.


Иван: Супер идеа! Може се што не се вклопува на друго место таму да го градиме. Водно ќе биде нешто како полица за неповрзани орнаменти.



И така инспириран од оваа идеа за преместување на Bucéphale Тesticules (уметничкото име на фамозниот споменик) до крстот на Водно, заедно со сите слични архитектонси фикс-идеи низ Скопје, во мозочните вијуги ми се заглави ненадејното сознание дека архитектонскиот стил на Скопје е всушност толку длабоко осмислен што се создава илузијата дека Скопје воопшто нема архитектонски стил. Да појаснам: Секоја нова градба во Скопје намерно се гради во различен стил од речиси сите останати градби во градот и секоја нова градба намерно се позиционира во средината во која најмалку се вклопува. Сето ова се прави во доследност со архитектонскиот стил на Скопје, кој е толку нов и авангарден што ние едноставно не сме свесни за неговото постоење. Но ете, јас конечно се освестив и ја осознав генијалноста на овој архитектонски стил, кој сосема логично го нареков “Невклопизам”... а вие сигурно си мислевте “Аце и Букефал на плоштад, до нив црква во Византијски стил, и за крај џамија како шлагот на тортата... абе ајде, глупости!”. Е ај да ве видам сега да се смеете!



Само за да ја уцврстам валидноста на овој пристап и за да ги убедам неверниците, ќе кажам збор-два за теоретската позадина на Невклопизмот, заедно со еден примери од нашето подневје. Што се однесува на Невклопистичката архитектура, основната идеа е, како што и самото име наложува, не вклопувањето на една градба во својата околина, па дури и не вклопувањето на еден дел од градбата со друг дел од истата градба (ова е пример за поекстремните правци во Невклопизмот). Ваквиот пристап има за цел да ја потенцира важноста и одвоеноста на поединечните уметнички дела (парадокс кој подоцна ке го о

бјаснам), но истовремено претставува и коментар за состојбата на современото општество, во кое индивидуата е изолирана и има потешкотии со влкопувањето во својата нечовачна средина. Парадоксот на Невклопизмот е во тоа што потенцирањето на поединечните појави е единствено можно преку споредба на појавите со нивната околина. Со други зборови, секоја појава мора да има нешто со што нема да се вклопува за да биде Невклопистичка.


А сега назад на архитектурата. Како пример за Невклопстичка архитектура веќе го спомнав архитектонскиот план на плоштад Македонија, но еден уште поекстремен пример може да се забележи недалеку од плоштадот, на улица Македонија. Секако, објектот за кој говорам е спомен куќата на Мајка Тереза која е изградена во согласност со правецот на Невклопизмот наречен “Франкенштајн”. Оваа фасцинантна градба го претставува Невклопизмот на два начини: преку својата невообичаена и навидум нелогична местоположба (“логичната” мест

оположба би била врз местото каде што некогаш се наоѓала вистинската куќа на Маја Тереза, пред плоштадот македонија, спроти влезот на ГТЦ) и преку стилското невклопување на деловите од кои се состои (типичен елемент на правецот Франкенштајн). Во самата грдба може да се идентификуваат елементи од барем три поединечни стилови:

  1. Старомакедонски стил – претставен преку камените ѕидови и делумно преку дрвените прозори
  2. Византијски стил – обележан со куполите и столбовите на спомен куќата
  3. Интернационален стил – воочлив во белиот дел на објектот од кој отсуствуваат орнаменти, како и во стаклениот дел кој во согласност со Интернационалниот стил го става во преден план волуменот

Како последен Невклопистички елемент на овој објект може да се посочи нескромниот изглед на спомен куќата, што е во комплетна спротивност со една од најзначајните карактеристики на Мајка Тереза, скромноста.



За крај, важно е да се напомене дека Невклопизмот не е само архитектонски стил или уметнички правец, туку целокупна филозофија на живеење. Како што можеби и сте насетиле, во Македонското општество има многу појави кои некако не се вклопуваат една со друга. Ова не е знак за едно општество кое толку многу забегало што не се знае каде му е почетокот, а каде крајот, туку е знак за едно општество кое напредно ја применува филозофијата на Невклопизмот во сите сфери од секојдневниот живот (но највеќе во политиката). Па ајде еднаш и ние во нешто да бидеме први!


Подобрување на односите со Грција преку оживување на нашето античко минато, стимулирање на странски инвесиции преку одење на суд против странска компанија, интеграција во ЕУ преку игнорирање на реперите за истата, подобрување на високото образование преку подржување на монопол во студентското организирање, градење на споменик на Александар и Букефал до ново-византијска црква – будалештини?! Не! Невклопизам!



(авторот е циник и непатриотско џубре)

  © Blogger template 'Minimalist B' by Ourblogtemplates.com 2008

Back to TOP